Жителите на населбата Стопанство кај Градско живеат со смрдеата од биогасната централа лоцирана во соседството
Жителите на населбата Стопанство и дел од Градско живеат секојдневно со смрдеата од измет, кој е потребен за работа на биогасната централа во Градско. Инспекцијата од животна средина констатирала неправилности, не била обезбедена заштита од миризбата од јамата за што е даден рок да се отстрани, но поради сериозноста на работите, тоа ќе потрае подолго...

Жителите на населбата Стопанство и дел од Градско, живеат со реата од измет од блиската биогасна централа. Тие реагираат на ваквата состојба, која била присутна уште од првиот ден на отворањето на инсталацијата, пред една година.
Мештаните се жалат дека мора да седат дома, со затворени врати и прозори за да се заштитат од неподносливата смрдеа, но и мувите кои се присутни. Реагират дека мувите можат да шират зараза.
Од Државниот инспекторат за животна средина потврдија дека имаат добиено реакции, заради смрдеата која се шири. Извршен бил и вонреден инспекциски надзор, при што биле констатирани неправилности.
„При надзорот се констатира дека во постројките за производство на биогас не е обезбедена заштита од непријатни емисии на миризба од приемната јама во која времено се складира цврсто и течно ѓубриво. Издадено е решение за отстранување на констатираните недостатоци со временски рокови кои сè уште течат, имајќи предвид дека е потребно преземање на посериозни активности кои побаруваат време за изведба“, велат од инспекторатот.
По изминување на рокот даден во решението, ќе се изврши контролен надзор.
Петар Печков
