САД

Трамп избегна атентат

14.07.2024 12:16

Поранешниот претседател Доналд Трамп избегна атентат. Беше ранет за време на предизборен митинг во Пенсилванија. Атентаторот е ликвидиран. Станува збор за 20 годишен маж, регистриран како републиканец. Светските лидери едногласни, политичкото насилство е неприфатливо и ѝ штети на демократијата…

Шок и неверување во САД. Четири месеци пред избори, обид за атентат на поранешниот претседател и кандидат за шеф на Белата Куќа, Доналд Трамп за време на предизборен собир во Пенсилванија.

Истрели предизвикаа паника во толпата, а еден од куршумите помина низ десното уво на Трамп по што агенти од Тајната служба се обидоа да го заштитат и преместат на безбедно. Во нападот, две лица се убиени, вклучувајќи го и атентаторот, а двајца други се ранети. ФБИ соопшти дека на самото место пронашле полуавтоматска пушка.

„Слушнавме истрели. Еден куршум ги погоди звучниците и настана хаос. Сите легнавме на земја, а полицијата се собра на трибините.“

„Полицајците трчаат наоколу, имаше еден тип со пушка, не знаевме што се случува.“

„Звучеше како да има огномет. И сите се прашуваа што се случува.“

„Единственото нешто што можев да видам беше крв на увото на Трамп“-велат очевидци на настанот.

Напаѓачот, 20-годишниот Томас Метју Кук бил регистриран републиканец, кој претходно дал мал придонес во група приврзана кон демократите. Претседателот Бајден вели дека нема место за ваков вид насилство во САД.

„Не можеме да дозволиме ова да се случи. Идејата дека има политичко насилство во Америка како ова е едноставно нечуено. Тоа не е соодветно. И сите, сите мора да го осудат“, нагласи претседателот Бајден.

Светски лидери, поранешни и сегашни шефови на држави и влади во Европа, Велика Британија, Индија, Канада, Израел, Јапонија, едногласни, политичкото насилство е неприфатливо и ѝ штети на демократијата.

„Ми олесна веста дека поранешниот претседател е безбеден и се чувствува добро“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.

„Во име на Венецуела, на нашиот народ, на поранешниот претседател Доналд Трамп му посакувам брзо закрепнување“, нагласи Николас Мадуро, претседател на Венецуела.

„Ова е грозоморно злосторство што покажува колку се сериозни глобалните предизвици за демократијата во моментов“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од кампањата на Трамп соопштија дека републиканскиот кандидат е добро и се работи на дополнителни безбедносни мерки за идните партиски митинзи. Републиканската национална конвенција ќе продолжи како што е планирано во Милвоки, каде што Трамп и официјално ќе биде номиниран за претседателски кандидат. Нападот беше најсериозниот обид за атентат на претседател или претседателски кандидат откако Роналд Реган беше застрелан во 1981 година.

Маријана Димовска