Македонија

Партиски обвинувања за патувањето на синот на Мицкоски во САД

14.07.2024 12:37

Од СДСМ бараат владата да го објави списокот на сите лица-членови на делегацијата во САД кои патувале на трошок на граѓаните, за да се потврди или отфрли оваа информација...

Од СДСМ прашуваат дали премиерот Мицкоски го носел синот на државен трошок во Вашингтон на НАТО самитот. Универзитетот Џон Хопкинс на официјалниот профил на Твитер, објавил фотографии од посетата на Мицкоски на САД каде што според информациите од медиумите, со него е неговиот постар син, велат Социјалдемократите.

Мицкоски мора итно да ја информира јавноста дали го носел синот во САД на државен трошок и да се произнесе околу целата ситуација. Мицкоски кој од самиот универзитет порача дека правото и правната држава за него се приоритет, очигледно решил тоа да важи за сите освен за него, велат во СДСМ.

Бараат владата да го објави списокот на сите лица-членови на делегацијата во САД кои патувале на трошок на граѓаните, за да се потврди или отфрли оваа информација.

Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се намирени приватно од семејството на Мицкоски, за разлика од времето кога премиерот на СДС Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација, велат од ВМРО-ДПМНЕ.