Се намалува бројот на жени-министерки
Државата доби претседателка, но падна на испитот за застапеност на жените во извршната власт. Политиката, за жал сè уште се перципира како машка професија, а жените кои сакаат да се вклучат во креирањето на политиките неретко се растегнати меѓу професионалниот ангажман и злобните коментари на социјалните мрежи. МТВ оваа тема ја изработи во соработка со Институтот за комуникациски студии.

Сексистички коментари, погрдни зборови, исмевања на сметка на физичкиот изглед и потценување на интелектуалниот капацитет се дел од причините кои ги одвраќаат жените од учество во политиката. Оние, пак, кои одлучиле јавната функција да им биде животна определба, си го чуваат менталното здравје така што ги игнорираат штетните наративи и се спротивставуваат на родовите стереотипи.
„Некако имам чувство дека колку повеќе продолжувам по патот којшто го имам во однос на застапувањето на идеите, на она што имам да го понудам пред граѓаните, на искуството, образованието, дека некако повеќе ќе ги оставам во сенка оние лоши навреди и состојби коишто за жал ги имаме. Тоа е состојба којашто варира во зависност од традиционалните норми на општеството, и можеме да ги поделиме на политичка култура и некултура, но наше право и обврска е да продолжиме да се бориме и делуваме за да исчезне оваа состојба за којашто за жал сè уште дебатираме во денешно време“, вели пратеничката Марија Митева.
Последното истражување на Институтот за комуникациски студии констатира дела родово-базираното насилство во политиката најчесто ги таргетира жените не поради нивните политички ставови, туку поради тоа што се жени, со крајна цел да ги спречи да бидат слушнати и активни во јавниот дискурс.
„Има коментари коишто едноставно ги објавувам јавно и ги пријавувам до институциите, сакајќи да поттикнам свест, но и да ги охрабрам помладите девојки и жените коишто сè уште се чувствуваат обесхрабрени да пријават секаков вид на вербално насилство, бидејќи најчесто вербалното насилство често знае да премине во физичко насилство, но и тоа да не ги обесхрабрува бидејќи не се единствени. Заедно можеме да се избориме против сето тоа што постои, особено на социјалните мрежи“, изјави пратеничката Моника Зајкова.
Познавачите велат – квотите се тие што го обезбедуваат учеството на жените во политиката.
„Најголем дел од политичарките коишто решиле да се вклучат во политиката на локално ниво, добивале пораки и предупредувања од околината дека тоа најверојатно ќе значи нивна помала вклученост во домот, вклученост во грижа за децата, во целиот тој неплатен труд којшто жените, без разлика на која позиција се во општеството, мора да го сработат. Политичарите од друга страна, проверивме со нив, ниеден немаше добиено таква порака дека неговото политичко учество, ќе значи помала вклученост во домот“, вели Ана Бојчевска Митревска, истражувачка во „Реактор“.
Претходните влади на Ковачевски и на Заев броеја по четири министерки. Сега, државата доби претседателка, но го намали бројот на жени во извршната власт.
Иако државата за прв пат доби жена претседател, сепак загрижува фактот дека се намалува бројот на жени во владиниот кабинет, односно има само три министерки.
Сите министерки се од редот на ВМРО-ДПМНЕ. Коалициските партнери, „ВРЕДИ“ и „ЗНАМ“ во владата номинираа мажи.
Анита Димитријевска-Велковска
