Се одржа 50-то издание на Галичка свадба
Звукот на зурлите и тапаните го означи почетокот на 50-то издание на Галичка свадба. Годинава невеста и младоженец се Стефана Димитрова и Даријан Кочоски…

Ечат зурли и тапани се виорат ора. Се одржува 50-та Галичка свадба. Со низа автентични обичаи според вековните традиции младенците ја крунисаа својата љубов.
После канењето на кумот, бричењето на зетот, дарувањето на невестата, полнењето вода од три чешми, играњето на Тешкото и Невестинското оро, младите се венчаа во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.
Галичани се верни и горди на традицијата, а гостите воодушевени од манифестацијата. Се запознаа со над десетици автентични обичаи коишто се изведуваат за време на свадбарските денови.
На манифестацијата учествуваа стотина статисти, облечени во традиционални галички носии, коњица и коњи. Галичката свадба се смета за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа, чувар на вековните обичаи.
Неколку илјади домашни посетители и странски туристи деновиве уживаат во овој уникатен настан – кој ја претставува културата и македонскиот идентитет.
Ваквиот начин на обележување на „Галичката свадба“ првпат е одржан во далечната 1963 година, а досега настанот имал вкупно 50 изданија.
Соња Рилковска
