Недвижности

Реткост е во Битола да најдете непродаден новоизграден стан

14.07.2024 16:13

Во зависност од локацијата, метар квадратен за новоизграден стан во Битола се движи од 1.100 до 1.300 евра. Но, вистинска реткост е да најдете непродаден новоизграден стан. Најголем дел се веќе продадени и оние што се во градба. Градежниците велат, пазарот со репроматеријали веќе е стабилизиран, како единствен проблем засега е обезбедување на квалитетни мајстори.

И покрај тоа што неколку илјади станови продадени во минатото седат празни, во Битола не попушта експанзијата на купување на станови. Статистиката на градежниците вели дека нема непродаден новоизграден стан, но и на најголемиот дел на оние што се во градба сопствениците се веќе познати.

Ако во минатото како главни купувачи беа нашинците од странство, последниов период муштериите се од Битола и околните општини, кои се на средовечна возраст.

Деновиве својот договор за стан во градба го потпиша и 33-годишниот Дејан Талевски. Вели време е да го реши станбеното прашање, бидејќи неговата кредитоспособност и условите што ги нудат банките и градежните компании му одговарале.

Цената на метар квадратен нов стан во зависност од локацијата се движи од 1.100 до 1.300 евра. И покрај поскапувањето најголем дел не штедат на квадратурата, велат градежниците.

Неделковски вели, времето кога ќе бидат предадени готовите станови се одредува од големината на колективната станбена единица. По двете тешки години, пазарот на репроматеријали е стабилизиран, но останува проблемот обезбедување на работна сила.

Стевче Митревски