Инфраструктура

Весиќ чека средба со Николоски за брзата пруга

14.07.2024 16:52

Ќе се гради ли брзата пруга од Ниш до Скопје, до каде е Србија во изградбата, заинтересирана е и Грција и што е потребно за средства од ЕУ? Ексклузивно од Белград, министерот Горан Весиќ и директорот на Транспортната заедница, Закоњшек…

Во 2028 година готова ќе биде и брзата пруга Белград-Ниш. Се работи и на делницата од Ниш до македонската граница, за што Белград ќе аплицира за средства од ЕУ, изјави за МТВ српскиот министер Горан Весиќ.

„Ние во моментов работиме на пругата Белград-Ниш, долга 230 километри, а работиме и на делот од 23 километри од пругата Ниш-Брестовац кон Скопје. До крајот на годината го завршуваме и проектот кој е финансиран од ЕУ за делот од нашата пруга од Брестовац до Прешево. Согласно со договорот што го потпишавме со Владата на Северна Македонија, го очекуваме тоа што го предложи, да го проектира и својот дел од Прешево до Скопје. Тоа е една од двете делници на кои Србија сака да работи и кои ги номинира од овој нов План за раст на Западен Балкан. Го чекам вашиот нов министер, Николовски да се сретне со мене“, изјави министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ.

Според Весиќ, пругата би имала просечна брзина до 200 километри на час, а годинава желба за поврзување на Белград и Скопје со Солун и Атина изразил грчкиот премиер Јоргос Мицотакис.

„Кога премиерот Мицотакис беше во Белград, имавме средба, а потоа нè известија дека ја реконструираат пругата меѓу Солун и Атина и рекоа дека ќе проектираат, веројатно со средства од ЕУ, 75 километри од пругата од Солун до границата со Северна Македонија“, нагласи Весиќ.

Според Транспортната заедница, пругата Ниш-Скопје е најкратката врска меѓу Азија, Блискиот Исток и остатокот од Централна и другите делови на Европа.

„Ова е еден од проектите кој е приоритетен. И за Северна Македонија, и за Западен Балкан, и за Европската Унија. Но, она што е клучно е реформите и проектите да се случуваат паралелно. Тие се две страни на иста паричка. Проектите без реформи се бескорисни, не се одржливи“, изјави Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница-Белград.

Колку за илустрација во моментов, со години не сообраќа, нема железничка патничка врска меѓу Скопје и Белград.

Оливер Бранковиќ