САД

Независна истрага за нападот врз Трамп

15.07.2024 09:15

Претседателот Бајден нареди да се отвори независна истрага за пукањето врз Трамп. Тој пак пристигна во Милвоки на Конвенцијата на републиканците, се очекува да објави важна одлука. Бајден од Белата куќа изјави дека имал „краток, но добар“ разговор со неговиот политички ривал. Во меѓувреме, тајната служба и ФБИ трагаат по мотивот за нападот. Прстот сепак вперен во локалната полиција која како што објави тајната служба направила бројни пропусти. Се чини дека убиецот дејствувал сам...

По обидот за атентат, поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп и кандидат на републиканците за реизбор за шеф на Белата Куќа со собири во сојузните држави изразија поддршка.

„Само кога би можеле да се обидеме да ублажиме се, дури и на социјалните мрежи. Се надевам дека ова пукање испраќа порака до сите, да се смириме“, рече поддржувач на Трамп.

„Знаеме дека тие се обидуваат да ги украдат изборите и ќе направат сè што можат за да се ослободат од Трамп“, вели поддржувач на Трамп.

Активистите во Милвоки на првиот ден од Републиканската национална конвенција велат дека ќе ги продолжат плановите за маршеви и митинзи.

„Пукањето нема никаква врска со нас. Секогаш сме се подготвувале за најлошото и го очекуваме најдоброто. Ќе продолжиме со нашите собири“, изјави Омар Флорес, копретседател на Коалицијата „Марш на РНК“.

Американската тајна служба за инцидентот прстот го впери во локалната полиција на Пенсилванија. Објави дека нивна одговорност била да го обезбеди покривот од кој беше застрелан поранешниот претседател Трамп. Од таму уверуваат дека имаат безбедносни планови за претстојната Републиканска национална конвенција на која Трамп треба официјално да биде номиниран за кандидат за претседател.

„Ова е национален, специјален безбедносен настан. Тоа е највисокото ниво со безбедносна ознака што може да го одреди федералната влада. Ние сме уверени во овие безбедносни планови што се во сила“, изјави Одри Гибсон-Кичино, РНК координатор за Тајната служба.

Американскиот претседател Џо Бајден побара Американците да ја намалат политичката температура и политиката да не се претвори во бојно поле.

„Несогласувањето е неизбежно во американската демократија. Верувам дека политиката треба да биде арена за мирна дебата. Не можеме да дозволиме ова насилство да се нормализира“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Трамп беше застрелан во десното уво за време на предизборен митинг во Пенсилванија. По нападот, ликвидиран е 20 годишник чијшто мотив сè уште е мистерија. Инспекторите велат дека дејствувал сам пред да биде смртно застрелан од агенти на Тајната служба. Во нападот загина и еден случаен минувач, а тешко беа ранети две лица.

 

Маријана Димовска