Трамп на Kонвенција на Републиканците во Mилвоки, објави промена на говорот по обидот за атентат
Kонвенција на Републиканците во Mилвоки, САД, под засилени безбедносни мерки. Доналд Трамп објави дека го сменил говорот по обидот за негов атентат. Поддржувачите му изразија поддршка во неколку сојузни држави, за службите и натаму е нејасно кои биле мотивите на 20 годишникот што пукаше во Трамп за време на митинг во Пенсилванија. Претседателот Бајден вели дека политиката треба да биде арена за мирна дебата ...

Поранешниот претседател Доналд Трамп, целосно го преработи својот говор на Републиканската конвенција по обидот за атентат. Во интервју за „Вашингтон егзаминер“, ден откако беше погоден од куршум, Трамп рече дека сака да го искористи историскиот момент и да ја обедини земјата.
„Ова е шанса да се обедини целата земја, дури и целиот свет. Говорот ќе биде многу поинаков, отколку што би бил пред два дена. Да не се случеше ова, ова ќе беше еден од најневеројатните говори насочен главно кон политиката на претседателот Џо Бајден. Искрено, сега ќе биде сосема поинаков говор“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.
Американскиот претседател Џо Бајден побара политиката да не се претвори во бојно поле.
„Несогласувањето е неизбежно во американската демократија. Верувам дека политиката треба да биде арена за мирна дебата. Не можеме да дозволиме ова насилство да се нормализира“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Поддржувачите на кандидатот на републиканците за реизбор за шеф на Белата куќа со собири во сојузните држави изразија поддршка.
„Само кога би можеле да се обидеме да ублажиме се, дури и на социјалните мрежи. Се надевам дека ова пукање испраќа порака до сите, да се смириме“, изјави поддржувач на Трамп.
„Знаеме дека тие се обидуваат да ги украдат изборите и ќе направат сè што можат за да се ослободат од Трамп“, изјави поддржувач на Трамп.
И активистите за заштита на човековите права во Милвоки велат дека ќе ги продолжат плановите за маршеви и митинзи.
„Пукањето нема никаква врска со нас. Секогаш сме се подготвувале за најлошото и го очекуваме најдоброто. Ќе продолжиме со нашите собири“, изјави Омар Флорес, копретседател на Коалицијата „Марш на РНК“.
Американската тајна служба уверува дека имаат безбедносни планови за Републиканската конвенција. За обидот за атентат прстот го вперија во локалната полиција на Пенсилванија.
„Ова е национален, специјален безбедносен настан. Тоа е највисокото ниво со безбедносна ознака што може да го одреди федералната влада“, изјави Одри Гибсон-Кичино, РНК координатор за Тајната служба.
Трамп беше застрелан во десното уво за време на предизборен митинг. По нападот, ликвидиран е 20-годишник чијшто мотив сè уште е мистерија. Инспекторите велат дека дејствувал сам пред да биде смртно застрелан од агенти на Тајната служба.
Маријана Димовска
