Хамас негира дека се прекинати преговорите со Израел
Иако беше објавено дека се повлекува од проговорите за примирје по нападот во бегалски камп во енклавата, Хамас излезе со демант...

Пустош, разурнати домови, уништени патишта – апокалиптични сцени затекнаа жителите кои решија да се вратат во населбата Тал-ал-Хава во градот Газа по заминувањето на израелските трупи. Додека жителите ја пребаруваа областа во надеж дека ќе пронајдат своите куќи, во далечна одекнуваа силни експлозии. Палестинците во безбедносните зони одобрени од Израел дополнително ги вознемири последниот воздушен напад на бегалски камп во кој загинаа над 90 лица.
„Не повикаа Евреите и ни рекоа да одиме во областа Маваси во Кан Јунис, дека тоа е безбедна област. Се колнам дека нема безбедност, нема во цела Газа“, рече раселена жителка.
„Бевме раселени три пати. Секогаш кога се преселувавме во област што ја нарекуваа безбедна, имаше бомбардирање. Дали преселувањето во безбедна зона е замка, а тие велат дека се држиме подалеку од цивилите“, вели раселен жител.
За Израел целата на операцијата била ликвидацијата на Мохамед Деиф, водачот на военото крило на Хамас, кој долго време беше на врвот на листата на најбарани. Се пофалија дека операцијата е успешна, убиен е Рафа Салама еден од водачите, но Деиф не се споменува. Израелскиот министер за одбрана Галант, ја повтори намерата на Тел Авив – целосно да се пресметаат со Хамас. Истакна дека потерата по милитантите може да продолжи со години.
„Хамас се истроши. Секој ден, плаќа цени и неговата способност повторно да се зајакне е многу мала. Се затворивме во Рафах, ги удираме нивните командни пунктови, магацините за оружје, просториите за комуникација, насекаде каде што се произведува оружје“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Во меѓувреме, иако беше објавено дека се повлекува од проговорите за примирје по нападот во бегалски камп во енклавата, Хамас излезе со демант. За нив, со овој напад целта на Израел било токму тоа, да го блокира патот за постигнување договор за запирање на агресијата врз Палестинците.
Маја Стојанова
