Иницијатива до Уставен за платите на судиите
Нова иницијатива до Уставен за платите ќе поднесе Здружението на судиите. Реакцијата следи откако во мај, Уставен не поведе постапка за намалувањето на коефициентите за пресметка на платите на судиите и на членовите на Судскиот совет за 13%...

Здружението ќе поднесе нова иницијатива до Уставен за платите на судиите. Оттаму обвинуваат дека Судот носел популистичка одлука и не повеле постапка, иако законските измени предвидувале ретроактивно дејство со што, според нив, се загрозува правниот поредок. Ваквата реакција на Здружението следува откако во мај, Уставен одлучи да не поведе постапка за намалувањето на коефициентите за пресметка на платите на судиите и на членовите на судскиот совет за 13%.
„Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на Законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на Законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во правораздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата“, стои во реакцијата на Здружението на судии.
За Уставниот суд се неприфатливи наводите дека се загрозува независноста и самостојноста на судството.
„На судиите и на членовите на Судскиот совет нема да им бидат намалени платите, туку зголемени за неколку стотина денари. Тие и натаму земаат плата што одговара на нивниот статус, улога и дигнитет, и нивната материјална состојба не е влошена“, стои во образложението на одлуката на Уставен.
Сепак, Здружението на судии уште еднаш побара Уставен да ги почитува надлежностите, во спротивно, како што велат ќе поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права.
Анита Димитријевска – Велковска
