Реформи во судство

Мицкоски: Нема да вршиме политички притисок, судиите да го испорачаат тоа за што се платени од граѓаните

15.07.2024 14:28

Работата не ја бива – премиерот го брани предлогот за распуштање на судскиот и на советот на јавни обвинители. Според Мицкоски, довербата од 2 насто е показател дека членовите на овие тела треба самите да се повлечат...

Работата не ја бива. Со два проценти доверба во судството, граѓаните се чувствуваат обесправени, наспроти оние во Судскиот и во Советот на обвинители кои земаат илјадници евра, и при тоа криминалци стануваат херои затоа што се во спрега со овие како до сега, вели премиерот Мицкоски, коментирајќи ги состојбите во македонското судство. Немаме намера како Влада да владееме со политички притисоци, сакам правда и единствено судиите и обвинителите да го испорачаат она за што земаат плата, вели Мицкоски.

И додека Мицкоски вели дека Судскиот и Советот на обвинители треба да се распуштат и фелата сама да избере нивни претставници во телата, амбасадорите во земјава реагираа негативно. Не се мешаме во внатрешните работи на земјата туку сакаме да помогнеме, вели американската амбасадорка Агилер.

„Се надевам дека не мислеше на мене. Нашата намера никогаш не е да се мешаме. Отсекогаш наша намера било да ве поддржиме. Одлуките кои се носат во Судскиот совет, или искрено, во кое било друго тело во рамките на судството, се одлуки само на челниците на оваа земја. Ние не кажуваме кој треба да седне во кој било суд. Ние не кажуваме кој треба да биде член на кој било совет. Дали има широко распространета корупција во судството? Да. Кога јавната поддршка и доверба во судството е 2 проценти, тоа е разочарувачки“, изјави Агилер.

Премиерот Мицкоски останува на ставот дека реформите во двете судски тела треба да се направи со измени на законот, па ако треба вели Мицкоски и Уставот ќе претрпи измени.

 

 

Миле Ристески