Пожарите ги голтаат македонските шуми
Пожарите ги голтаат македонските шуми. На терен битка до истоштување, се гасне и од копно и од воздух. Пристигна првата меѓународна помош, воведена е забрана за движење во шумите, се очекува ситуацијата наскоро да се стави под контрола...

Борбата со огнените јазици е секојдневен предизвик - велат оние за кои и ова лето е најжешко, пожарникарите. Стационирани се на планината Серта, каде огнената стихија зафати територија од општините Неготино, Конче и Штип, како и на планината Огражден, пожар на самата граница со Бугарија, кај Ново Село.
Причината поради која не можат да бидат локализирани дел од пожарите е непристапниот терен. Штетите допрвин ќе се проценуваат, но изгоре огромна површина, вели градоначалникот на Неготино за пожарите кај стариот армиски полигон, месноста Калањево, областа Дуњица и регионалниот пат Неготино – Штип.
Премиерот Мицкоски очекува најдоцна до задутре ситуацијата да биде ставена под контрола.
Владата падна на првиот тест, спората реакција во Неготино опустоши 1.000 хектари и во опасност беа 150 куќи – обвини опозицијата.
Во меѓувреме, воведена е целосна забрана за движење во шумите од шест до 20 часот. За непочитување следува казна до 2.000 евра.
Александра Велинова
