ковид -19

Расте бројот на заразени со коронавирус

15.07.2024 14:38

Институтот за јавно здравје во месечниот билтен наведува дека во јуни лабораториски се потврдени 25 случаи на ковид-19, двојно повеќе во споредба со мај ...

Двојно е зголемен бројот на заболени со Ковид-19 во јуни, споредбено со мај. Потврдени се 25 случаи – покажа извештајот на Институтот за јавно здравје .

Летниот период придонесе за поголема раздвиженост на граѓаните, па оттаму и бројките се очекувани – вели докторот по општа медицина, Бојан Трајковски. Најчесто во ординациите доаѓаат пациенти со респираторни инфекции и стомачни вируси, а тоа се симптоми карактеристични и за ковид-19. Но, ретко кој се тестира, лекарите патологијата ја третираат согласно со симптомите. Во летните одморалишта се очекува пораст на заболени.

„Како за ковидот така и за останатите вируси дали се гастроинтестинални тегоби или се респираторни промени, бројките најмногу ќе растат во тие летувалишта вклучително Охрид, Дојран, ќе гледаме промени и кај луѓето што доаѓаат од Грција, како најпосетувана земја на балканот. Апел до луѓето да немаат панични напади, посмирено да реагираат и третирањето да биде како и досега, да бидат повнимателно во дружењето помеѓу луѓето“, изјави д-р Бојан Трајковски – доктор по општа медицина.

Од заболените во јуни, повеќе од половина се пријавени од Скопје, а највисока инциденца е регистрирана во Охрид . Заразени со ковид-19 има од сите возрасти.

Иако е зголемен бројот на заболени од Ковид – 19, во текот на минатиот месец не се пријавени починати лица од коронавирус.

 

 

Андријана Ѓурческа