Судство

Судиите се скараа со Уставен за платите

15.07.2024 14:39

Просечната плата расте, примањата на судиите замрзнати повеќе од 10 години – Здружението со критики кон Уставниот суд. Најави нова инцијатива...

Здружението ќе поднесе нова иницијатива до Уставен за платите на судиите. Оттаму обвинуваат дека Судот носел популистичка одлука и не повеле постапка, иако законските измени предвидувале ретроактивно дејство со што, според нив, се загрозува правниот поредок. Ваквата реакција на Здружението следува откако во мај, Уставен одлучи да не поведе постапка за намалувањето на коефициентите за пресметка на платите на судиите и на членовите на Судскиот совет за 13%.

„Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на Законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на Законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во правораздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата“, стои во реакцијата на Здружението на судии.

Од Уставниот суд велат ги поддржуваат размислувањата и дебатите во јавноста, а добредојдени се сите реакции кои содржат издржана правна квалификација.

„Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Судот по предметната иницијатива одлучи, но дел од реакцијата на Здружението на судиите не соодветствува со уставната, правната и судската култура кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот“, одговараат од Уставен.

Сепак, здружението на судии уште еднаш побара Уставен да ги почитува надлежностите, во спротивно, како што велат ќе поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права.

 

Анита Димитријевска-Велковска