Здравство

Се бара разрешница на случајот со новороденчето

15.07.2024 16:00

Стручна комисија треба да даде одговор на прашањето што се случувало со новороденчето, чиишто родители тврдат дека намерно било повредено на Детска клиника. Но, дел од лекарите одбиле да бидат дел од Комисијата и побарале семејството да поднесе пријава зашто изнесеното обвинување кон медицинската сестра е сериозно. Се огласи и Унијата на медицински сестри со барање што поскоро да се расветли случајот за да не се фрла дамка врз професијата. Синдикатот повика на случајот да не му се дава етничка димензија…

Медицински персонал од Детска клиника одбивал да биде дел од Комисијата којашто треба да утврди како настанале модринките на тримесечното бебе, кое имало и наод на тромбоцитопенија, состојба на намалени тромбоцити поради кои се појавуваат модринки. Семејството обвини медицинска сестра дека намерно го повредила детето, по што министерот Таравари најави комплетно расчистување на настанот. Сепак, и по неколку дена, вистината не излегува на виделина. Унијата на медицински сестри побара што поскоро да расчисти случајот и со име и преземи да бидат прозвани сите што погрешиле за да не се фрла дамка врз сите сестри.

На случајот да не му се дава етничка димензија

Од Синдикатот на Клинички децидни – медицинската сестра која неправедно се осудува јавно е пример за посветеност и со години им служи на децата, без разлика на која националност припаѓаат, алудирајќи на етничката компонента што му се става на случајот дека наводно до инцидентот дошло зашто мајката на бебето не говорела македонски јазик. Оттаму побараа инспекцискиот и стручниот надзор да утврдат дали има пропусти во работата на медицинската сестра.

„Бебе старо три месеци на Детската клиника е дојдено со претпоставка на дијагноза – тромбоцитопенија, која се карактеризира со низок број на тромбоцити во крвта. Јавно повикуваме и на инспекцискиот и стручниот надзор да утврдат дали има пропусти во стручната работа на медицинската сестра, и согласно со извештаите доколку се во корист на медицинскиот персонал да се поведе постапка до сите лица кои јавно ги наведоа, навредуваа и спроведуваа политички дневни агенди“, велат од Независниот синдикат на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Министерот Таравари во петокот го посети семејството, откако семејството се пожали дека бебето на Клиниката не било третирано како што треба.

Наташа Јанчиќ-Менковски