Прилеп доби современа автобуска станица

04.07.2014 12:00

Прилеп конечно доби нова современа автобуска станца. Инвестицјата е 700.000 евра, а Министерството за транспорт и врски ја стави во највисока прва категорија со 24 часовно време и електронски услуги за патниците...

По 50 години, Прилеп доби нова современа автобуска станица. Една година по продажбата на државното градежно земјиште со посредство на  Министерството за транспорт и врски и општината, фирмата Пелагонија бус го изгради комплексот вреден 700 000 евра.

„Самата автобуска станица, Министерството за транспорт и врски ја категоризираше во прва категорија, значи највисока категорија. Тоа значи дека на оваа автобуска станица може да доаѓаат и поаѓаат меѓуградски, меѓуопштински и меѓународни автобуски линии“, вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Прилеп се вброи во градовите кои имаат автобуска станица од нависока, прва категорија со најсовремени електронски услуги на патниците. Со дневен проток од 2.000, а месечен од 30.000 патници.

Автобуската зафаќа 3.700 метри квадратни. Отвора 30 нови работни места. Опремена е со маркет, агенција, ресторан, електронски софтвер за услуги  за патниците 24 часа дневно.

„За прва категорија треба да работи 24 часа во три смени, со електронски софтвер, со систем за продажба на билети, со резервации“, вели Горан Трпковски, сопственик на „Пелагонија бус“.

Инвеститорот е сопственик и на уште три автобуски станици во земјава. Прилепската ќе прерасне во транспортен центар.

„Благодарение на владата на Република Македонија и на Министерството за транспорт и врски за брзо време ќе започне и реализацијата за реконструкција на железничката станица“, вели градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

Автобуската станица официјално ќе прима патници од идната среда.

 

Елизабета Митреска