САД

Доналд Трамп номиниран за претседател

16.07.2024 09:04

Доналд Трамп освои мнозинство гласови од делегатите на Националната конвенција на Републиканците во Милвоки, која почна под засилено полициско обезбедување...

Неколку дена по обидот за атентат, Доналд Трамп освои мнозинство гласови од делегатите на Националната конвенција на Републиканците во Милвоки, која почна под засилено полициско обезбедување.

„Во име на целото наше семејство и во име на 125-те делегати во неверојатната држава Флорида, со ова го номинираме најголемиот претседател што некогаш живеел, а тоа е Доналд Џи.Трамп и со ова го прогласуваме за републикански кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави Ерик Трамп, синот на Доналд Трамп.

Сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс е кандидат за потпретседател во трката за Белата Куќа. Американскиот претседател Џо Бајден, вели дека републиканскиот потпретседателски избор е „клон“ на поранешниот претседател.

„Тој е клон на Трамп. Така што, не гледам разлика“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Претходно, федерална судијка го отфрли обвинението против Доналд Трамп во кривично дело поврзано со несоодветно чување на доверливи владини документи. Ова е уште една правна победа за Трамп, по одлуката на Врховниот суд дека поранешниот претседател ужива имунитет кога станува збор за бројните дејствија што ги презел додека бил на функцијата.