САД

Трамп со мнозинство гласови е номиниран за републикански кандидат за претседател

16.07.2024 09:36

Со мнозинство гласови, Доналд Трамп е номиниран за републикански кандидат за претседател. 39 годишниот сенаторот од Охајо, Цеј-Ди Венс е кандидат на републиканците за потпретседател во трката за Белата куќа. Во меѓувреме, независниот кандидат на претседателските избори во САД, Роберт Ф. Кенеди јуниор, по налог на претседателот Џо Бајден ќе добие заштита од Тајната служба, потегот следи по обидот за атентат на Трамп изминатиов викенд.

Два дена откако преживеа обид за атентат, поранешниот претседател Доналд Трамп освои мнозинство гласови од делегатите на Националната конвенција на Републиканците во Милвоки за кандидат за претседател. Конвенцијата почна под засилено полициско обезбедување. Говорот на Трамп е закажан за четврток.

„Го номинираме најголемиот претседател што некогаш живеел, а тоа е Доналд Џи. Трамп и со ова го прогласуваме за републикански кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави Ерик Трамп, синот на Доналд Трамп.

„Ова е нашиот момент да ја направиме Америка повторно земја на можности“, изјави гувернер Глен Јангкин, Вирџинија.

„И ако некогаш во нашата нација имало време да се здружиме, тоа време е сега. Со Трамп, нашата економија повторно ќе цвета. Повторно ќе имате повеќе пари во вашиот џеб. И вашите деца ќе имаат иднина“, изјави републикански претставник Бајрон Доналдс, Флорида.

Џеј-Ди Венс е кандидат на Републиканците за потпретседател во трката за Белата Куќа.39-годишниот сенатор од Охајо и автор на бестселерот „Хибили Елегија“ е дипломиран правник и служел во американската армија за време на војната во Ирак. Тој стана познат по неговите жестоки критики кон администрацијата на Бајден, особено за прашања од економијата и имиграцијата …

„Она што го направи Бајден е најлошото од сите можни светови. Тој ја продолжи војната во Израел за всушност да го отстрани Хамас, но во тој процес го отежна движењето кон одржлив мир. Русија немаше да ја нападне Украина доколку Доналд Трамп беше претседател. Сите се согласуваат со тоа. Дури и многу мои демократски колеги приватно се согласуваат со тоа“, изјави сенатор Џеј-Ди Венс, потпретседателски кандидат на Републиканската партија.

Американскиот претседател изјави дека републиканскиот потпретседателски избор е клон на поранешниот претседател. Во интервју за Ен-Би-Си Њуз, цврсто ја бранеше својата одлука да остане во претседателската трка.

„Тој е клон на Трамп. Така што, не гледам разлика“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Независниот кандидат на претседателските избори во САД, Роберт Ф. Кенеди Јуниор, по налог на претседателот Џо Бајден ќе добие заштита од Тајната служба.

„Во светлината на настаните од овој викенд, претседателот ме упати да работам со Тајната служба за да му обезбедам заштита на Роберт Кенеди Јуниор. И пред и по настаните од минатиот викенд, Тајната служба ја подобри заштитата на поранешниот претседател Трамп“, изјави Алехандро Мајоркас, секретар за домашна безбедност.

Заканите за политичките кандидати се вообичаени, но службениците за спроведување на законот рекоа дека има пораст на насилната реторика по нападот викендов на митингот на Трамп.

 

 

Маријана Димовска