СП Бразил 2014

„Вечно ривалство“ Јужна Америка- Европа

04.07.2014 12:38

На светските првенства едно од карактеристичните ривалства е за континенталниот примат меѓу Европа и Јужна Америка. Кое од овие две поднебја, на спротивните страни и хемисфери на земјината топка, ќе ја носи во наредните четири години мундијалската гордост...

Ривалитетот како предизвик во фудбалот! Откако постои оваа магична игра, откако се движи топката се изнедрувале и ќе се изнедруваат најразлични ривалства: меѓу поединци, меѓу екипи, меѓу земји и народи...поттикнати од најразлични побуди.

На светските првенства едно од карактеристичните ривалства е за континенталниот примат меѓу Европа и Јужна Америка. Кое од овие две поднебја, на спротивните страни и хемисфери на земјината топка, ќе ја носи во наредните четири години мундијалската гордост.

Обично со ¼ финалните рунди почнуваат да се кристализираат контурите на таа вечна битка. Во Бразил се стартува со израмнети сили: Бразил, Аргентина, Колумбија и Костарика против европскиот квартет Германија, Холандија, Франција и Белгија.

Неизвесно до крај! Ваква континентална израмнетост владееше само уште во 1970-та  на Светското првенство кога боите на Бразил, Уругвај, Перу засилени со домаќинот Мексико им беа спротиставени на Италија, Германија, Англија и Советскиот Сојуз.

Само еднаш во историјата на светските првенства со изнијансирана ¼ финална рунда, американското поднебје имало превлалст. Пред 4 години во Јужна Африка соодносот беше 4:3, но сите медали отпатуваа на Стариот Континент.

Во сите други ситуации Европа била доминантна, напати со големо мнозинство. Во 1934 –та соодносот е 8:0, во 1958 –та и во 1994-та е 7:1 во полза на Европјаните, но  за парадоксот да биде поголем, Бразилците осамени во таа „нерамноправна“ борба со Европјаните ја освојуваа титулата.

Блесокот на Шпанците пред четири години во Јоханезбург беше 10-та европска мундијалска круна, наспроти 9-те досега зад имињата на латиноамериканците.

Ќе остане ли на 13 јули златниот пехар во Јужна Америка или пак ќе отплови кон Европа? Традицијата вели  дека ниту една европска селекција победнички не се вратила од ова многу поразлично поднебје, во кое покрај фудбалски крајно инспирираните локални селекции, пречка се и климатските услови што владеат.

Како и да е во Бразил стартува ¼ финале од соништата, убаво, неизвесно, со актери-великани, во кое „вечното ривалство“ на релација Јужна Америка- Европа е само уште една мала димензија во прилог на големата фудбалска претстава.

 

Златко Калински