Зеленски планира втор мировен самит за Украина
Различни тонови на Европскиот континент за наредниот мировен самит за Украина. Претседателот Зеленски смогна сили за да ја објави дека и Москва треба да учествува на состанокот што ќе се одржи најверојатно во ноември. Првичните одгласи од Кремљ не се позитивни, продолжуваат гранатирањата и воените дејствија, 874 ден од почетокот на агресијата. Унгарското претседавање на Унијата исто така под лупа на Брисел откако орбан ги посети Киев и Москва. Можен бојкот на Министерскиот самит на европскиот блок следниот месец...

Се наѕира ли почетокот на крајот на војната во Украина? Најверојатно е прерано за долгоочекуваниот мир, но Зеленски се одважи да ја покани Русија на следниот самит во ноември.
„Дадов насоки за целосен мировен план во ноември. Од нашата и од партнерската страна, сè ќе биде направено, особено ако ги спроведеме трите цели. Претставниците на Русија би требало да бидат присутни на следниот самит“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Мировниот документ се однесува на енергетската безбедност, размена на воените заробеници и враќање на децата од Русија. Зеленски порача и дека ќе соработува со Трамп доколку биде избран за шеф на Белата куќа. Мировната иницијатива беше обелоденета по средбите на Орбан со Зеленски и Путин, на што сè уште противречи Брисел.
„Орбан не работи во името на Европската унија, туку како премиер на Унгарија. Во случајов не би требало да користи принципи на претседавач со Европскиот совет. И зачудува што турнејата беше остварена само ден по преземањето на претседавањето. Ова внесе збунетост што не и помага на Европската унија“, изјави Џозеп Борел, потпретседател на Европската комисија.
Москва сепак не им верува на изјавите од Киев. По пролетната регрутација веќе се испратени нови 150 илјади војници на фронтот. И покрај најавите за мир, се засилуваат нападите со беспилотните летала. Во тек е битката за Доњецк.
„Руските сили се обидуваат да го освојат градот. Украинските падобранци и пешадијата се обидуваат да ги запрат. Има борби низ улиците. Артилеријата стрела и од обете страни“, вели украински војник.
Во Киев, главната детска клиника во која по бомбардирањето на осми јули загинаа над 40 лица, делумно почна со прегледи на најмалите пациенти.
Зоран Богатинов
