Потврдена смртта на бизнисменот Чедомир Радомировиќ
Полицијата ја потврди смртта на бизнисменот Чедомир Радомировиќ. Според информациите, лицето синоќа со тешки повреди на главата било пронајдено покрај возило кај село Орман, скопско...

На 10 километри од Скопје се наоѓа Орман. Во атарот на ова село, според официјалните информации на истрагата се случил трагичниот настан. Мештаните со коишто разговараше МТВ велат дека полиција го обезбедувала местото, но не можат да посведочат дека нешто виделе или слушнале.
Пукањето се случило пред 19 часот, далеку од центарот на селото каде што обично има луѓе.
„До паркирано возило „Лексус“ со скопски регистерски таблички е пронајдено машко лице кое крварело во пределот на главата, а покрај него имало пиштол и чаура“, потврдуваат од МВР.
Утврдено е дека станува збор за 67-годишниот бизнисмен Чедомир Радомировиќ, кој со итна помош е пренесен во Клиничкиот центар каде што починал. Од Обвинителството за МТВ велат дека за случајот бил известен дежурен обвинител кој издал насоки за прибирање на докази од самото место, коишто ќе се вештачат, а има и наредба за обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Истрагата треба да покаже дали станува збор за убиство или самоубиство. Радомировиќ беше основач на Радо Банка која пропадна во 2005-тата година откако Народната банка утврди дека е неликвидна.
Анита Димитријевска – Велковска
