Македонија

Пожарот на Серта навлезе на територија на Општина Штип

16.07.2024 15:26

Пожарот на Серта го зафати и штипскиот регион. Утринава надлежните институции на координативен состанок ги утврдија насоките на делување. Најзасегнати се селата Селце и Драгоево. Непристапниот терен оневозможува интервенција од земја, сите надежи се во хеликоптерите и ер- тракторите.

Еден крак од пожарот на планината Серта од вчера се рашири и на територија на Општина Штип. Најзагрозени се селата Драгоево и Селце, каде пожарот утринава гореше на околу два километри воздушна линија.

Подготвени сме и волонтерски да се вклучиме во локализирање на пожарот, велат жителите. Но откако огнот кај месноста Штркалица вчеравечер предизвика експлозии и пукотници од неексплодираната муниција од воениот полигон Криволак, Армијата го обезбедува целиот терен.

Само гаснење од воздух има ефект на овој дел од пожарот на Серта, од земја единствено може да се спречи ширење на огнот. Штипските јавни претпријатија со својата механизација денес прават заштитни обрачи кај Селце и Драгоево.

Од утринава во локализирање на пожарот активни се хеликоптерите, како и штипските пожарникари со две возила и 60 припадници на АРМ и полицијата.

Славица Величковска