Човекови права

Уставната жалба е од корист за граѓаните

04.07.2014 12:55

Потребна е широка дебата за проширувањето на уставната жалба, а не негативна политизација, смета судијката во Европскиот суд за човекови права, Трајковска...

Проширувањето на уставната жалба за повеќе права и слободи ќе биде од голема корист за граѓаните, смета судијката во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова Трајковска. Тенденциите се прашањата од овој домен да се решаваат дома. Потребна е широка дебата, а не негативна политизација, смета Трајковска.

„Во четири декларации и во декларацциите на три последователни конференции кои се однесуваат на реформата на судот, посочи дека државите треба да развиваат домашни правни лекови за заштита на човековите права. Македонија е една од ретките држави во регионот која нема проширена уставна жалба“, вели Мирјана Лазарова Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права.

Во 2004 година за првпат се спомнало проширувањето на уставната жалба во Македонија, но според Трајковска, не постоеле доволно ентузијасти за нејзино реализирање. Позитивни се искуствата на Европскиот суд за човекови права по жалбите кои стигнуваат од оние држави кои имаат широка уставна тужба, посочи Трајковска. Инаку, во Струмица, судии, адвокати, обвинители и полициски службеници беа дел од обуката за почитување на европските стандарди при приведување, задржување и лишување од слобода.

„Судијата за претходна постапка ја оценува законитоста на лишувањето, по однос на мерката притвор веќе се закажува контрадикторно рочиште, на кое судијата треба да образложи зошто не се определил за другите мерки туку се определил за притвор, значи имаме многу повеќе гаранции во новиот закон за кривична постапка“, вели Анета Арнаудова- директор на Академијата за судии.

„Вакви интерактивни работилници се одржуваат постојано, за детектирање на недостатоците и изнаоѓање решенија“, вели Арнаудова.

Катерина Давчева