Соработка

Потпишан договор помеѓу МРТ и БНТ

04.07.2014 13:27

Денес отпочнува и една соработка помеѓу двата национални сервиси на многу полиња, коишто за жал до сега не биле на соодветно ниво, рече извершниот директор на МРТ, Марјан Цветковски...

Македонската радио-телевизија и Бугарската национална телевизија, во Охрид, потпишаa договор, со кој заемно се согласуваат, нивните програми да се емитуваат на териториите на двете држави. Постигната е согласност, и правото на реемитување на кабелските оператори да им биде отстапено бесплатно.

Договорите ги потпишаa генералните директори на МРТ, Марјан Цветковски, и на Бугарската национална телевизија, Вера Јанкова.

„МРТ со задоволство ќе ги отстапи правата за реемитување на сателитскиот канал на територијата на Република Бугарија. Сметам дека и граѓаните на Република Македонија со задоволство ќе ја гледаат програмата на Бугарската национална телевизија што ја емитува на својот сателитски канал. Денес отпочнува и една соработка помеѓу двата национални сервиси на многу полиња, коишто за жал до сега не беа на соодветно ниво“, рече извершниот директор на МРТ, Марјан Цветковски.

„Основни принципи на нашата мисија се да ги шириме културата и историјата на нашиот народ низ светот. Да ги запознаваме другите држави со неа и обратно, да го запознаваме нашиот народ со културата и историските карактеристики на другите народи, особено кога станува збор за соседни држави, за партнери кои се членови на Евровизија“, нагласи директорката на БНТ, Вера Јанкова.

Претставници на Бугарската национална телевизија, истоврмено ќе потпишат и први договори, со десетина македонски кабелски реемитувачи, со што, сателитската програма на бугарската национална телевизија ќе биде ставена во нивната понуда.