УХМР

Портокалова фаза до крајот на седмицата

16.07.2024 19:22

Во следните денови и понатаму ќе биде претежно сончево и многу топло со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.

Портокаловото ниво за опасност од високи температури останува активно до крајот на работната седмица. Во Велес и Демир Капија денеска била измерена највисоката температура на територијата на Македонија од 42 степени целзиусови.

Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, 41 степен денеска биле измерени во Кавадарци, Виница, Гевгелија, 40 Струмица, 39 Штип, 38 Битола, Скопје-Зајчев Рид, 37 Тетово, 36 Берово, Крива Паланка, Прилеп, 34 Охрид, Претор, 31 Крушево, Маврови Анови и 24 Попова Шапка.

Времето утре ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Во попладневните часови понекаде во планинските региони ќе има услови за краткотраен пороен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 36 до 42 степени. UV=10.

Во Скопје сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 41 степен.

Во следните денови и понатаму ќе биде претежно сончево и многу топло со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.

Во петок и за време на викендот, а особено во сабота, во попладневните часови ќе има појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер и дневната температура ќе биде во постепено опаѓање.