Пожари

Ангелов: Исклучително тешко е да се воспостави контрола врз пожарот на Серта

16.07.2024 19:51

Тешко е да се воспостави контрола врз пожарот на Серта, воздухоплови не летаат поради огромен чад, вели првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов...

Воспоставувањето на контрола врз пожарот на планината Серта е исклучително тешко иако ефектот од леталата беше добар. Но, има многу огнени точки, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

„Целиот дол е комплетно во чад, што го отежнува движењето и летањето на хеликоптерите. Исклучително тежок терен за гаснење на овој масивен пожар што зафаќа огромна територија од планината Серта. Има распоредени сили на земја. Во овој момент нема летала, бидејќи не е безбедно, чадот не дозволува на леталата да се спуштат на потребната висина за да гасат“, појасни Ангелов.

Има проблем и кај стрелиштето „Криволак“. Ангелов додава дека таму се слушаат експлозии, истрели од неиспукани гранати, куршуми и други неексплодирани експлозивни средства од гаѓањата што ги работела армијата во минатиот период.

Од ЦУК информираат дека на терен гаснат припадници на македонската армија, на полицијата, пожарникари, ловци, локално население, припадници на „Национални шуми“.

Пожарот во неготинско избувна во средата околу 10.30 часот.