Скопско лето: Камерна претстава и звучна инсталација
Во рамките на „Скопско лето“ денес гостува Мал драмски театар од Битола со камерната претстава „Корекција“ и ќе биде претставена звучна инсталација „Скопска сонорност“ на композиторот, музички продуцент, истражувач и едукатор Роберт Саздов

Во рамките на фестивалот „Скопското лето“, вечерва во Детскиот театарски центар во скопската Стара чаршија со почеток во 20.30 часот, ќе гостува Мал драмски театар од Битола со камерната претстава „Корекција“, според истоимениот драмски текст на современиот српски писател Зоран Гаши.
„Претставата се занимава со темата на траумите по бурниот распад на ју-федерацијата и со сите нијанси на човековата болка и страдање што со себе ги носи војната. Оваа драмска адаптација е строго интимно профилирана и ги илустрира конфликтите помеѓу она порано и ова сега со болната транзиција, која се храни токму со трагични човекови судбини“, соопштуваат од „Скопско лето“.
Претставата е во режија на Ник Упер од Словенија, а во неа играат актерите Борис Чоревски, Здравко Стојмиров, Сандра Грибовска и Александар Стефановски. Драматургијата, сценографијата и изборот на музика е на Нико Горшич, видеодизајнот на Павле Михајловски, костимограф е Марија Пупучевска.
Во рамките на „Скопско лето“ на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, пак, денеска од 11 до 15 часот ќе биде претставена звучна инсталација „Скопска сонорност“ на композиторот, музички продуцент, истражувач и едукатор Роберт Саздов. Тој е член на Интернационалната асоцијација за компјутерска музика (ИЦМА), Мрежа за студии на електроакустична музика (ЕМС), австралискиот Сојуз за компјутерска музика, каде што членувал во Извршниот одбор од 2003 до 2007. Неговите дела се изведени на фестивали и концерти во Канада, Кина, Чешка, Франција, Германија, Велика Британија, Ирска.
