Израел

Продолжува израелската офанзива во Појасот Газа

17.07.2024 09:24

Зголемени тензии во услови на тешки борби на границата меѓу Израел и Либан. Во меѓувреме, Израел продолжува со нова офанзива во Појасот Газа. Тел Авив сè уште е посветен на постигнување договор за прекин на огнот, став на Белата куќа...

Стејт департментот сè уште верува дека Израел е посветен на договор за прекин на огнот и покрај последните напади во Газа. Од Вашингтон велат дека преговорите продолжуваат и покрај различните изјави од двете страни.

„Нападите што ги преземаат немаат врска со договорот за прекин на огнот. Од Израел постојано, јавно слушаме дека тие се залагаат да постигнат прекин на огнот и се посветени на предлогот што го изнесоа и што претседателот јавно го претстави пред повеќе од еден месец“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Додека држеше говор по повод 10-годишнината од конфликтот меѓу Израел и Газа, израелскиот премиер беше вербално нападнат дека ги загрозува заложниците. Нетанјаху вели дека Хамас е под зголемен притисок поради израелската воена операција.

„Хамас е под притисок затоа што ги повредуваме, елиминирајќи илјадници терористи. Сега е моментот да го зголемиме притисокот уште повеќе, да ги вратиме дома заложниците и да ги постигнеме сите цели на војната“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Семејствата на киднапираните побараа премиерот да постигне договор пред да замине во САД овој месец. Објавија нови фотографии од своите блиски кои се држат во заробеништво.

„Премиере, не оди без договор. Овој договор ни треба за народот на Израел. Не само за нас семејствата“, изјави Орит Гилбоа, мајка на заложничката Даниела Гилбоа.

На една од фотографиите е и Наама Леви, 19-годишна девојка со корени од Македонија.

„Ова е многу критичен момент во преговорите. Треба да продолжиме да потсетуваме, сите, светот дека треба да се изврши притисок за да се мобилизира договор, токму сега“, изјави Ајлет Леви Шачар, мајка на заложникот Наама Леви.

Наама Леви беше киднапирана на 7-ми октомври при упадот на припадниците на Хамас во Израел. Младата девојка беше дел од мировната организација „Раце на мирот“, чија мисија имаше цел да ги поттикне младите од Израел, Палестина и од САД да станат промотори на мирот.

 

 

Маријана Димовска