Клима-уредите може да бидат фатални по здравјето, предупредуваат пулмолозите
Се топи асфалтот под нозете. Спас од екстремните температури се бара во апаратите за разладување, но тие може да бидат фатални по здравјето, предупредуваат пулмолозите. Од друга страна демне ефектот на урбани жешки острови поради недостиг на зелени и водени површини во централното подрачје. Студијата од Институтот за јавно здравје покажа дека температурите во центарот на главниот град и парковите во одредени денови се разликуваат дури од над 7 степени...

Од неподносливите над 40 целзиусови степени спасот се бара во уредите за разладување. Но токму тие може да станат закана за здравјето. Доколку филтрите не се чистат редовно особено кај оние од централните системи може сериозно да се заболи од Легионелоза позната како Легионерската болест или други инфекции на респираторниот систем, предупредува пулмологот Марија Здравеска. За МТВ таа вели опасност по здравјето е и доколку загреани влеземе во просторија која е разладена на драстично пониски температури
Клима уредите придонесуваат и за глобалното затоплување, заедно со темните автомобили и бетонските површини го зголемуваат ефектот на „урбаните жешки острови“. Доктор Кочубовски уверува дека спроведената студија во главниот град покажала големи разлики во температурите во одредени денови и од над 7 степени меѓу измерените во централното подрачје и оние во градскиот парк. Кочубовски вели зеленилото, зелените површини и особено дрвјата со големи крошни се најголемиот одговор на урбаните жешки острови.
Студијата на Институтот за јавно здравје тимот на професор Кочубовски ја спровел на едно и пол метро од земјата со калибриран атестиран термометар во центарот и периферијата на Скопје.
Фиљана Кока
