Ќе се распише нов тендер за компресорска станица на хируршките клиники
Бизнис вреден 300.000 евра не беше примамлив за ниту една компанија. Хируршките сали ќе продолжат да работат со преполовен капацитет со надворешни компресори...

Ќе се распише тендер за нова набавка за компресорска станица, но дополнително ќе се информира за начинот на реализација на истата, велат од Министерството за здравство. Тендерот вреден 300.000 евра распишан на крај на минатиот месец не беше примамлив за ниту една компанија. Хируршките сали ќе продолжат да работат со преполовен капацитет со надворешни компресори, додека листата на пациенти кои чекаат интервенции се зголемува.
Споен Клинички центар, за што се носат законски измени во Собрание, ќе биде жежок костен за првиот човек, бидејќи освен напластените проблеми, ќе треба да ја реши и компресорската станица и инсталацијата. Поранешниот министер за здравство Даниловски, вели спојувањето е добра работа бидејќи клиниките нема да бидат дуќанчиња на менаџерите, но спојувањето не смее да биде набрзина.
Од спојувањето бенефит ќе имаат и пациентите, ќе се намали дуплирање на тестови и дијагностички процедури.
Даниловски смета дека во таков интегриран центар, ќе има можност за подобра истражувачка дејност и едукација на кадрите.
Наташа Јанчиќ - Менковски
