Македонија

Руралната жена не е доволно вклучена на пазарот на труд

17.07.2024 15:43

Жените од руралните средини не се доволно вклучени на пазарот на труд, покажуваат ревизорските извештаи. Ова не е само проблем на државата, со него се соочува речиси целиот регион…

Жените од руралните средини не се доволно вклучени на пазарот на труд – мерките што ги преземаат институциите се неефикасни, а не се вреднува ниту трудот на жената. Во извештајот државните ревизори посочуваат дека во руралните средини не се инвестира во градинки, населението масовно се иселува, а ова е поврзано и со несоодветната позиција на жената.

„Ова несоодветно постапување и неводење грижа за рамномерниот регионален развој предизвикува четири проценти од нашата територија да нема население, односно е депопулизирана. 205 населени места веќе немаат ниту еден жител, а 215 населени места се под 10 жители“, изјави Максим Ацевски, главен државен ревизор.

И земјите од соседството се соочуваат со овој проблем. Упатија порака до владите да преземат чекори за подобрување на состојбата на жените во руралните средини.

„Ова е одлична можност да испратиме порака за вклучување на жените на пазарот на трудот, зајакнување на нивната позиција во општеството и да создадеме еднакви можности на пазарот на трудот“, изјави Вљора Спанца – државен ревизор од Косово.

„Работевме да ги исполниме целите за одржлив развој на Обединетите нации, а посебно на целта за одржлив развој, кој е поврзан со родовата еднаквост“, нагласи Алфред Зулфи- државен ревизор од Албанија.

Предвидено е Македонија да издвојува еден насто од бруто-домашниот производ за рамномерен регионален развој, но ревизорите констатирале само 0,09 проценти се за оваа намена.

Андријана Ѓурческа