Уставните измени влегуваат во Собрание на 15 јули
Трајко Вељаноски за 15 јули ја закажа Комисијата за уставни прашања на која ќе бидат разгледувани уставните измени, чиј предлагач е Владата на Република Македонија...

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за 15 јули ја закажа Комисијата за уставни прашања на која ќе бидат разгледувани уставните измени, чиј предлагач е Владата на Република Македонија. Целата процедурата на уставните измени треба да заврши до средината на октомври.
Потребата за измени на Уставот, Собранието со двотретинско мнозинство треба да ја утврди на седницата закажана на 16 јули, а потоа уставните измени ќе бидат вратени во Владата, која има рок од седум до десет дена да подготви нацрт-амандмани, за кои во текот на следните триесет дена треба да се гласа во Собранието.
Согласно процедурата, откако ќе го поминат собранискиот филтер, нацрт амандманите се враќаат во Владата, каде се очекува да се изгласаат до крајот на август, по што ќе следи и јавна дискусија за истите. Сите засегнати страни во периодот на јавна дискусија ќе имаат можност да дадат свои предлози по што Владата има рок од 30 дена да изготви предлог – амандмани и да ги врати во Собранието.
За секој предлог – амандман ќе се гласа поединечно со двотретинско мнозинство.
Доколку во првата фаза не се изгласа потребата за уставни измени, целата постапка се запира. За вака предложени амандмани не е потребно бадентерово гласање.
Последните измени на Уставот беа донесени на 12 април 2011 година.
