Климатските промени го земаат данокот
Климатските промени донесоа исклучително тешки временски промени. Балканoт и делови од Источна Европа се под влијание на топлотниот бран. Екстремно високи температури ја зголемија опасноста од пожари. За утре е најавено благо разладување, по што одново се очекува многу топло време...

Целиот Балкан и делови од Источна Европа се под влијание на топлотниот бран. Екстремно високи температури се регистрирани во Романија, Србија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, како и во земјава. Хрватска бележи рекордни температури на морето кои достигнаа 30 Целзиусови степени.
„На крајот на краиштата морето е повеќе ментално задоволство отколку вистинско освежување“, вели турист.
„Слушнав многу за тоа како температурата всушност се зголемува низ цела Европа и тоа го видовме и кај нас“, вели туристка од Шведска.
Поради високите температури што веќе две недели не се намалуваат, регионот се соочува со услови за огнени стихии. Пожари беснеат во Албанија, Бугарија, Грција каде што во неколку региони е прогласена висока опасност од пламени јазици. Грчкото Министерство за култура нареди затворање на Акропол неколку часа во денот поради екстремни временски услови.
„Топлината е неверојатна. Мора да останеме хидрирани, да пиеме течности и се надеваме дека ќе преживееме во ова време“, рече туристка од Канада.
„Многу топло. Стоевме на сонце десет минути, ја чувствувам топлината“, вели турист од Англија.
„Секој ден слушаме од владата дека имаме топлотен бран. Даваме прва помош на сите луѓе што им е потребна и информации како да се справите со висока топлина“, изјави Софија Маркелос, волонтер на грчкиот Црвен крст.
Топлотниот бран во Романија предизвикува прекини на електричната енергија поради прекумерната потрошувачка од клима-уредите.
„Храната во фрижидерот ни се расипуваше двапати во последните недели, струјата беше оскудна, како да сме се вратиле во времето на комунизмот“, вели жител на Романија.
„Без струја ништо не работи, вклучително и пумпата за отпадна вода“, рече жител на Романија.
Благ пад на температурите се очекува утре и за време на викендот. Според прогнозите, температурите во текот на јули ќе останат далеку над просекот низ јужна и источна Европа. Највисоки температури повторно се предвидуваат за Балканот. Експертите велат дека климатските промени донесоа исклучително тешки временски промени, се понепредвидливи бури и топлотни бранови.
Маријана Димовска
