Средба на претставници на Царинската управа и „Макам-транс“
Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на средба со генералниот секретар на Асоцијацијата, Макам-транс, Билјана Муратовска. Средбата беше остварена на еден од најфреквентните гранични премини, Табановце, а со цел увид на состојбите...
Усогласување на работното време на инспекциските служби на граничните премини, автоматизација на терминалите на граничните премини со грант од ЕУ и негово поврзување со новиот систем за видеонадзор и препознавање на регистарските таблички што се имплементира во моментов, како и унапредување на дигитализацијата и поврзување на институциите во рамки на државата но и на ниво на држави, се трите главни реформски мерки на коишто ќе работи Царинската управа во следниот период. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на средба со генералниот секретар на Асоцијацијата, Макам-транс, Билјана Муратовска. Средбата беше остварена на еден од најфреквентните гранични премини, Табановце, а со цел увид на состојбите, но и дијалог со Асоцијацијата каде се членки 1.500 превозни компании.
Тој потенцира дека проектот за автоматизација на терминалите на граничните премини и негово поврзување со новиот систем за видеонадзор и препознавање на регистарските таблички ќе придонесе за значително намалување на времето на чекање, како еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат транспортерите. Истовремено, како што рече, ќе се намали потребата од човечки фактор, што ќе придонесе за намалување на криминалот и корупцијата и прибирање повеќе приходи во Буџетот.
Второ, нагласи тој, преку повисок степен на дигитализација ќе се модернизираат институциите и ќе се подобрат услугите кон компаниите и граѓаните. Како една од клучните мерки за скратување на времето на чекање, а за што е разговарано и со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе се усогласи работното време на инспекциските служби на граничните премини со работното време на граничните царински испостави. Ова особено ќе се примени на најфреквентните гранични премини, Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан и Блаце.
Директорот воедно потенцира дека лично ќе се осигури секој потпишан протокол што е во насока на олеснување на трговијата, како последниот за признавање на кантарските белешки, строго да се почитува, но истиот повика да се применува и од страна на превозниците.
Директорот уште еднаш пред јавноста апелира дека „работиме на менување на свеста на царинските службеници како приоритет во службата“.
Генералниот секретар на Макам-транс Муратовска изрази задоволство од дискусијата со директорот Николовски нагласувајќи дека секое скратување во времето на чекање е во полза на транспортерите.
