Нови мерки за побрз проток на транспортерите
Нови мерки за побрз проток на транспортерите, најавија од Царинската управа на Македонија и независниот синдикат на камионски транспортери. Целта е да се намали времето на чекање на граничните премини и на тој начин да се придонесе за развој на економијата...

Систем за автоматско читање на регистарските таблички на транспортерите, поголема соработка на царинските службеници и инспекциските служби при Агенцијата за храна и ветеринарство и крајна цел намалување на времето на чекање на граничните премини, се новите мерки кои ќе ги имплементираат Царинската управа на Македонија и Независниот синдикат за камионски транспортери. Мерките според директорот на Царина, Николовски треба да придонесат за поефикасен систем за целата економија.
„Да внимаваме овој процес на царинско движење да биде партнерски однос и сите да имаат бенефит, но најмногу државата, економијата, буџетот да почне да се полни“, нагласи Бобан Николовски, директор на Царинска управа на Македонија.
Од асоцијацијата Макамтранс истакнаа дека мора да се намали времето на чекање, за да се обезбеди одржлив развој и раст на економијата.
„Револтот којшто се јавува заради чекање, било што правење, дека треба да го намалиме со преземање на одредени активности како што е забрзување при влез со Агенцијата за ветеринарство, со другите инспектори што значи секоја можност, јас викам и пет минути да се намали времето на чекање е добро за сите нас“, нагласи Билјана Муратовска, Макамтранс.
Транспортерите за Македонската телевизија велат значајно ќе биде доколку дополнително се скрати времето на чекање.
На Табановце во екот на летната сезона функционираат сите ленти. Времето на чекање беше околу 15-ина минути.
Од царинската управа потенцираат дека активно ќе продолжат да се применуваат сите досега потпишани протоколи. Како значаен го истакнаа протоколот со соседна Србија, со кој ќе се намали времето за чекање, со едно застанување за транспортерите.
Елена Георгиевска
