Топлотниот бран во Европа донесе високи температури и опасност од пожари
Климатските промени донесоа исклучително тешки временски услови. БалканoТ и делови од Источна Европа се под влијание на топлотниот бран. Екстремно високи температури ја зголемија опасноста од пожари особено на Балканскиот полуостров. За утре е најавено благо разладување, по што одново се очекува многу топло време...

Целиот Балкан и делови од Источна Европа се под влијание на топлотниот бран. Екстремно високи температури се регистрирани во Романија, Србија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, како и во земјава. Според метеоролозите од Софија, летово не е невообичаено топло, колку што е долго времетрањето на високите температури.
„Не се толку екстремни максималните температури колку што се високи просечните дневни температури. На пример, за Софија до овој момент тие ја надминуваат просечната месечна температура за три степени и овој јули се очекува да биде еден од најтоплите откако има мерења во Бугарија“, изјави Георги Ценов, метеоролог-Софија.
Поради високите температури што веќе две недели не се намалуваат, регионот се соочува со услови за огнени стихии. Пожари беснеат во Албанија и Грција каде што во неколку региони е прогласена висока опасност од пламени јазици. Најмалку 35 куќи изгорена во шумските пожари во Бугарија кои оставија штета од милиони евра.
„Немам ништо овде, се изгоре“, вели сопственичка на опожарена куќа.
„Влеговме во шумата, почнавме да го гаснеме пожарот и мислевме дека го изгаснавме. Следниот момент повторно почна да гори“, рече волонтер.
Хрватска бележи рекордни температури на морето кои достигнаа 30 Целзиусови степени.
„На крајот на краиштата морето е повеќе ментално задоволство отколку вистинското освежување“, рече турист.
„Слушнав многу за тоа како температурата всушност се зголемува низ цела Европа и тоа го видовме и кај нас“, вели туристка од Шведска.
Топлотниот бран во Романија предизвикува прекини на електричната енергија поради прекумерната потрошувачка од клима-уредите.
„Храната во фрижидерот ни се расипуваше двапати во последните недели, струјата беше оскудна, како да сме се вратиле во времето на комунизмот“, вели жител на Романија.
„Без струја ништо не работи, вклучително и пумпата за отпадна вода“, рече жител на Романија.
Благ пад на температурите се очекува утре и за време на викендот. Според прогнозите, температурите во текот на јули ќе останат далеку над просекот низ јужна и источна Европа. Највисоки температури повторно се предвидуваат за Балканот. Експертите велат дека климатските промени донесоа исклучително тешки временски промени, се понепредвидливи бури и топлотни бранови.
Маријана Димовска
