МВР

Уапсен Блерим Рамадани поранешен припадник на ОВК, баран со српска потерница

18.07.2024 14:55

Министерството за внатрешни работи потврди дека Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК, е уапсен во Северна Македонија, врз основа на налог за апсење издаден од Србија...

Поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, баран со српска потерница преку Интерпол е уапсен при влез во земјава, потврди МВР. Веста ја објави и косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора, од каде појаснуваат дека станува збор за поранешен припадник на оперативната зона Неродиме на ослободителна војска на Косово, но и дека со случајот е запознаен амбасадорот на Косово во земјава, а властите работат на негово ослободување.

„На 17.07.2024 во 16.00 часот на граничниот премин Јажинце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода б.р.(47) од Косово, затоа што при пасошка контрола и извршени проверки било констатирано дека во службената евиденција е со мерка „апси“, по барање на Интерпол Србија. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Тетово за понатамошна постапка“ – стои во полицискиот билтен.

Рамадани да биде испорачан во Србија, очекува министерот за внатрешни работи на оваа земја, Ивица Дачиќ.

„Често се случува некоја земја некого да уапси, но да не го испорача. Ако некој навистина сака да се бори против воени злосторства, ако постојат документирани обвиненија, тогаш се разбира дека очекуваме да бидат екстрадирани и да одговараат. Овде станува збор за киднапирања, убиства“, изјави Ивица Дачиќ – министер за внатрешни работи на Србија.

Од македонското Министерството за правда, велат дека до нив не е пристигнато барање за екстрадиција.

„Министерството за правда до овој момент не е известено од ниту една институција дека е уапсено лицето Блерим Рамадани. Кога ќе имаме каква било информација, ќе ве известиме“, велат од правда за МТВ.

Српските власти досега уапсија четворица косовски државјани кои се обвинети за воени злосторства.

 

Анита Димитријевска – Велковска