Здравство

Чадот од пожарите опасен по здравјето

18.07.2024 15:46

Јаглерод моноксидот кој се создава со огнот е кобен за човечкото здравје. Освен пожарникарите, последици може да почувствуваат и жителите на најблиските места каде што гори...

На терен интервенираат лекарите од Брза помош, на Клиниката за токсикологија засега немало интервенции. Пожарникари, војници, полицајци, доброволци – десетина дена се борат со шумските пожари во земјава. Некои сè уште тешко се локализираат оставајќи последици по животната средина и здравјето на луѓето. Долготрајната изложеност на чадот освен што ги иритира дишните патишта, може да предизвика кардиоваскуларни и невролошки проблеми – вели директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев.

„Јаглеродниот моноксид има околу 270 пати поголем афинитет да се спојува со хемоглобинот отколку со кислородот. Практично сите што учествуваат во гасењето на пожар, а се изложени на подолг временски период на чад имаат ослабено ткивно дишење. Брзо се заморуваат, не дишат како што треба, можат да се јават одредени тешкотии како што се главоболки вртоглавици, колапси“, вели д-р Чибишев.

Најдобра заштита е гас-маска, но во овие услови тешко е да се работи со неа. Доктор Чибишев советува да се носат хируршки маски.

„Дел од тие честички кои летаат во воздухот заедно со чадот, дел може тие маски ќе ги задржат и штетата којашто ќе ја направи чадот ќе биде намалена“, нагласува д-р Чибишев.

Последиците ги чувствуваат и жителите на најблиските места каде што гори. Во изминатите денови, мирис на чад можеше да се почувствува и во одредени делови на градот, многумина граѓани се пожалиле дека имаат главоболка и мачнини.

Андријана Ѓурческа