Репортажа

Бројот 194 спасува животи

04.07.2014 15:26

Ноќ или ден, работата на Итната медицинска помош не се мери во часови, туку во секунди кои честопати се пресудни за спасување човечки животи...

Итна покана - тимот е подготвен да интервенира. Пуштени се ротационите светла, се слуша сирената на брзатa помош. Човек од Сарај има епилептичен напад со висока температура. Ваква е речиси секоја ноќна смена на дежурните екипи на брзата помош. Сообраќајни незгоди, убиства, самоубиства, физички напади- лекарите велат во текот на ноќта интервенциите се помалку, но се потешки.

„Во ноќните часови нам ни е лесно самото движење низ градот бидејќи нема сообраќај што ни е пречка да стигнеме на самото место, но е отежнато во сообраќајните незгоди бидејќи најчесто се работи на отворено. Во ноќните часови немаме добро осветлување“, вели д-р Маргарета Трипуновска од Итната медицинска помош.

Ноќ или ден, нивната работа не се мери во часови, туку во секунди кои честопати се пресудни за спасување човечки животи. Метежот во сообраќајот им ја отежнува работата, но во последно време велат зголемена е свесноста кај возачите.

„Граѓаните не ги фаќа паника, но не ја слушаат сирената на брза помош затоа што слушаат гласна музика во автомобилите. Апел до граѓаните да не пропуштаат на семафор, на улиците каде што има гужва“, нагласува д-р Трипуновска.

И уште еден апел- да нема лажни повици зашто ги отежнуваат итните интервенции на тимот.

И во ситните ноќни часови и за викенди и за празници бројот 194 спасува животи. Тие се чувари на нашето здравје, подготвени да бидат со нас и во најкритичните мигови.

Андријана Атанасовска