ТИРЗ

Димовски во посета на „Џонсон Мети“

18.07.2024 17:31

Фабриката на „Џонсон Мети” во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 е најголемиот инвестициски проект, а воедно и една од најсофистицираните и најнапредни фабрики на „Џонсон Мети“ во светот и важи за најголем извезувач од Македонија.

Директорот на дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денеска оствари официјална посета на фабриката „Џонсон Мети“ во Скопје. Оваа посета е првата во серијата посети на фирми кои работат во ТИРЗ, со цел директна комуникација и поддршка на компаниите.

Фабриката на „Џонсон Мети” во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 е најголемиот инвестициски проект, а воедно и една од најсофистицираните и најнапредни фабрики на „Џонсон Мети“ во светот и важи за најголем извезувач од Македонија.

„Нашата мисија е да ги поддржуваме и поттикнуваме компаниите во ТИРЗ, овозможувајќи им најдобри услови за работа и развој. Џонсон Мети е пример за успешна компанија која придонесува за одржлив економски раст и иновации во нашата земја. Продолжуваме и понатаму да работиме на подобрување на деловната клима и поддршка на компаниите во ТИРЗ“ - истакна Димовски.

„Горди сме на нашата фабрика во Скопје, која е меѓу најсофистицираните и најнапредни во светот. Оваа инвестиција не само што придонесува за економскиот раст на Македонија, туку и за глобалната иновација и одржливост. Преку континуирано вложување во нашите вработени и заедницата, обезбедуваме долгорочен успех и просперитет. Нашата посветеност кон одржливиот развој е основен принцип на кој се темелат сите наши деловни активности. Се надеваме на уште поголеми инвестиции“ - изјави Боријан Борозанов, директор на „Џонсон Мети“.

Посетата на „Џонсон Мети“ е дел од иницијативата на дирекцијата за ТИРЗ за директен контакт со компаниите, со цел подобро разбирање на нивните потреби и предизвици. Овие посети се планирани да продолжат и во наредниот период, опфаќајќи различни компании кои работат во рамките на ТИРЗ.