Поблиска соработка помеѓу Македонскиот и Бугарскиот национален сервис

04.07.2014 15:36

Генералните директори на Македонската радиотелевизија и Бугарската национална телевизија во Охрид потпишаа договор кој ќе овозможи емитување на сателитските програми во двете држави. Се очекува дека ќе придонесе за поголемо културно зближување помеѓу двата народи и се отвора можноста за поблиска техничко-кадровска соработка...

Македонската радиотелевизија и Бугарската национална телевизија во Охрид потпишаа договор со кој се согласуваат бесплатно да ги отстапат правата за емитување на сателитските програми во двете држави. Програмите ќе ги пренесуваат кабловските оператори во Македонија и Бугарија, што треба да придонесе за слободен проток на информации, приближување на културите и двата народи.

„Македонската радиотелевизија со задоволство ќе ги отстапи правата за реемитување на програмата на сателитскиот канал на територијата на Република Бугарија. Сметам дека и граѓаните на Република Македонија со задоволство ќе ја гледаат програмата на Бугарската национална телевизија. Со овој договор не само што обезбедуваме реемитување, туку отпочнува една посериозна соработка помеѓу двата национални сервиси на многу полиња“, нагласи извршниот директор на МРТ, Марјан Цветковски.

„Основните принципи на нашата мисија се да ги шириме културата и историјата на нашиот народ низ светот,да ги запознаеме другите држави со неа,ни и обратно,како и да го запознаеме нашиот народ со историските карактеристики на другите народи,особено кога станува збор  за соседни држави и партнери кои се членови на Евровизија“, рече Вера Анакова, генерален директор на Бугарската национална телевизија.

Овој договор ќе придонесе за уривање на некои бариери од минатото и поголема соработка помеѓу двата национални сервиси.

„Со голем ангажман на двете регулаторни тела, на двете телевизии и на Македонско-бугарската комора дојде до реализација на овој проект“, смета Зоран Трајчевски, претседател на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Меѓутоа она што е важно за потпишувањето на овој договор е реемитувањето на сателитските канали, нешто што го имаме во нашиот етер, во нашите медиуми кога станува збор за другите земји на Балканот, меѓутоа не стануваше збор и за Бугарскиот национален сервис“, рече Диме Ратајкоски, одговорен уредник на првиот програмски канал на МТВ.

Овој договор е само првата фаза од соработката помеѓу МРТ и БНТ. Во иднина ќе се реализираат проекти како што се, отворање на дописни центри, достапност до архивите, како и техничко- кадровска соработка.

 

Сашо Нелоски