Пелагонија со рекордни приноси на јачмен и маслодајна репа
По подолго време во Пелагонија се регистрирани рекордни приноси од овие две земјоделски култури...

Жетвата на јачменот и маслодајната репа во битолскиот дел на Пелагонија влегува во завршна фаза.
Од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопштуваат, дека по подолго време се регистрирани рекордни приноси од овие две земјоделски култури.
Според Илија Србиновски, раководител на Подрачната единица, навремената и квалитетно изведена сеидба, поволните временски услови и подготвеноста на земјоделците се причините за високите приноси на овие земјоделски култури.
„Жетвата на јачменот е на крај. Годинава со оваа земјоделска култура беа опфатени 4.000 хектари и притоа регистриравме 4,5 до 4,7 тони ожнеан јачмен по хектар, но важно е да се нагласи дека на одредени површини во Пелагонија беа собрани и по 7 до 8 тони по хектар што претставува рекорд. Големи, рекордни приноси има и од маслодајната репа која беше засеана на површина од 2.000 хектари и притоа беа собрани по 2,5 до 3 тона од хектар“ вели Србиновски.
Од Подрачната единица информираат дека временските услови се погодни за реализација на жетвата, но секој дожд би бил добредојден за посевите со пченка и сончоглед.
