Фестивал

Австриска вечер на „Охридско лето“ со уметничка изложба и концерт на виенскиот квартет „Арпеџо“

19.07.2024 11:31

Со изложбата „Калиопе“ и настапот на жичаниот квартет „Арпеџо“, синоќа во Охрид во рамките на фестивалот „Охридско лето“ се одржа традиционалната австриска вечер. Ваквите настани кои се одржуваат со поддршка на амбасадите во земјава од една страна придонесуваат за зголемување на квалитетот на фестивалот и културната соработка, а од друга ја отвораат можноста и за соработка во другите области на живеењето...

Австрија е голем поддржувач на Македонија. Двете земји имаат долгогодишна културна соработка, а Фестивалот „Охридско лето“ дава голем придонес за зближување на нашите култури. Ова на отворањето на изложбата „Калиопе“-Жените во општеството, културата и науката во Австрија и Македонија во рамките на Австриската вечер го рече Евалд Коенинг, потпретседател на Сојузот на стопанските комори за надворешна соработка и почесен конзул на Австрија во Македонија.

„Кога се работи за културниот туризам, можеби би требало да се работи на австриските граѓани со она што се случува во Охрид. Притоа Австрија ќе ги искористи своите познанства и врски за зголемување на соработката и поддршка на развојот на туризмот во вашата земја“, изјави Евалд Коенинг, потпретседател на Сојузот на стопанските комори за надворешна соработка и почесен конзул на Австрија.

Традиционалната австриска вечер беше збогатена со концерт на музичкиот состав „Арпеџо“ од Виена во катедралната црква Света Софија.

„Жичан квартет. Тоа е спојка на повеќе композитори и од класичната музика, и од барокот и од романтизмот, но сум среќна кога се квартети или квинтети од жичани инструменти. Тогаш звучат како едно“, изјави Наташа Поповиќ, директор на Фестивалот „Охридско лето“.

Соработката со амбасадите како што рече Поповиќ е многу значајна, бидејќи таа ја потврдува соработката помеѓу нашите и музичарите од странство и во истовреме ја отвора вратата нашите музичари да настапуваат во нивните земји.

 

Сашо Нелоски