Трамп официјално ја прифати номинацијата за претседателски кандидат
Доналд Трамп ја прифати републиканската номинација за претседател на Соединетите Американски Држави. Во маратонскиот говор што траеше повеќе од час и половина, тој се присети на обидот за атентат, повика на единство, нарекувајќи ја Америка нација во опаѓање, вети обнова на земјата, но и решавање на светските кризи.

Рејтингот на Трамп е во очигледна нагорна линија, дури и огорчените републикански противници ја изразија целосната поддршка за нов мандат на харизматичниот бизнисмен во Белата куќа. Четиридневната конвенција беше историска според освоените гласови, главните адути беа стратегијата на Трамп со обновувањето на големината на Америка и секако неуспешниот атентат.
„Се чувствував безбедно зашто Господ беше на мојата страна. Најволшебната работа е тоа што ако не ја поместив главата во последен момент, пред истрелот, куршумот на убиецот ќе ја погодеше целта и немаше да бидам тука денеска. Немаше да бидеме заедно“, изјави Доналд Трамп, кандидат за претседател на САД.
Обединувањето меѓу Американците исто така расте, Трамп порача дека ќе биде претседател на сите, независно од бојата на кожата, политичката или религиозната определба. Претходно ќе треба да се спаси Америка од неспособното раководство. И она што е најбитно за светот, ќе стави крај на војните и конфликтите, како и во претходниот мандат.
„Ќе им ставам крај на сите меѓународни кризи кои ги создаде оваа влада, вклучувајќи ја и војната меѓу Украина и Русија. Тоа немаше да се случи ако бев претседател. Ова се однесува и на војната предизвикана од нападот врз Израел“, изјави Доналд Трамп-кандидат за претседател на САД.
Трамп станува дел од американскиот сон. Завојот на десното уво е дел од политичката комерцијализација, дури и легендата на борењето, кечерот Халк Хоган се појави на конвенцијата со маица и наслов: трампманија. За Халк, Трамп е новиот гладијатор.
„Кога се обидоа да го убијат идниот претседател на САД реков: доста е. Затоа, брате, дозволете и на „трампманијата“ да победи фуриозно. Брате, „трампманијата“ да владее повторно. Трампманијата ќе ја направи Америка повторно голема, брате“, рече Халк Хоган-професионален кечер (борач) во САД.
„Музика, балони, се е чудесно. Трамп мора да биде избран за 47-ми американски претседател, направи одлична работа“, изјави Лиз Харис политичарка од Аризона.
„Најмногу ми се допадна чесноста. Говорот не беше наместен“, рече Дејв, гласач на конвенцијата.
„И многу убаво е што и Меланија беше покрај него“, рече Деана Абаси, делегат од Тексас.
Гламурот на Републиканската конвенција во Милвоки беше накусо засенет од појавата на поранешната прва дама, која сепак не одржа говор, давајќи предност на номинацијата на сопругот за прв човек во Белата куќа.
Зоран Богатинов
