МНР: Изјавата на Самарас е одраз на неговиот личен демократски капацитет
Министерството за надворешgooни работи на Македонија реагираше по изјавата на грчкиот премиер Андонис Самарас дека македонскиот јазик не постои...

Ставовите на грчкиот премиер Андонис Самарас, изнесени во Брисел кои се однесуваат на Република Македонија и македонскиот јазик, се одраз на личен демократски капацитет и за прифаќање различности во модерното европско општество, се вели во пишаната изјава на Лолита Хасани од Секторот за односи со јавност од Министерството за надворешни работи.
„Македонскиот јазик е реалност официјално препознаена дури и во Атина, како од периодот пред и помеѓу светските војни, така и во рамки на третата конференција за стандардизација на географски имиња, одржана во Атина во 1977 година“, се вели во соопштението на МНР како реакција на ставовите кои ги изнесе грчкиот премиер Самарас.
„Не е добро политичар од земја членка на ЕУ да руши столбови на владеење на правото и демократските принципи. Не е добро да се игнорираат пресуди на Меѓународниот суд на правдата кои се однесуваат на кршење на меѓународното право. Најмалку е добро да се потикнува нетолератност кон разликите преку манипулирачки изјави за непризнавање на посебности на држави, етникуми, јазици и идентитети“ се вели во реакцијата на МНР .
Од МНР велат дека несоодветно е политичар кој инсистира на солидарност во финансиски контекст, да подзаборава на иста солидарност во демократски контекст, во што секако спаѓа и почитувањето на посебностите и основните човекови права.
