Регистриран втор случај на заболен од Западнонилска треска
Кочанчанец каснат од комарец во Тунис колабирал кога се вратил во земјава. Регистриран вториот случај на заболен од Западнонилска треска...

34-годишен жител од Кочани е вториот потврден случај на заболен од Западнонилска треска – соопшти Институтот за јавно здравје. Со вирусот се заразил додека бил на патување во Тунис кон крајот на јуни. Првите симптомите ги почувствувал една недела по враќањето во земјава. Имал покачена температура, болки во мускулите, главоболка, се чувствувал изнемоштено, по што колабирал. Заболениот бил хоспитализиран во болницата во Штип, а по една недела е испишан во добра здравствена состојба.
Епидемиолозите предупредуваат дека сега е сезоната на вектор преносливи болести. Апелираат граѓаните кои престојуваат во предели каде што има болести што се пренесуваат со комарци да бидат свесни за можно заразување, доколку се појават симптоми на заболувањето да побараат лекарска помош.
„Раното дијагностицирање и навремен третман можат да спречат појава на тешка форма на болест, која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смртен завршеток“, велат од Институтот за јавно здравје.
Поставување заштитни мрежи на вратите и прозорците, употреба на средства за заштита од убод на комарци – се само дел од мерките што граѓаните можат да ги преземат за да се заштитат од овие инсекти. Покрај Западнонилската треска, комарците се преносители на Маларија, Денга вирус, Чикунгуња.
Ова е втор случај на заболен од Западнонилска треска годинава. Првиот е регистриран во април, кај жител од Василево. И во овој случај заболениот кажал дека патувал во странство.
Западнонилската треска кај 80 проценти од луѓето поминува без симптоми, околу 20 проценти имаат покачена температура и болки во мускулите, многу малку предизвикува компликации како воспаление на мозокот.
Во земјава од 2011 до 2023 година се регистрирани 45 заболени со Западнонилска треска. Четворица завршиле со смртен исход.
Андријана Ѓурческа
