Пожари

Пожарите на Серта во штипскиот регион сè уште се активни

19.07.2024 14:55

Огнените жаришта во штипскиот регион на Серта од утринава се гасат и од земја и од воздух. Во Селце и Драгоево градежни машини прават земјени насипи и заорување на теренот за да се контролира движењето на огнот. Првичните проценки се дека штетата по дрвната маса на Серта се огромни, што ќе се одрази и на климата во регионот...

Пожарите во штипскиот регион на Серта во атарот на село Селце денес од земја ги гасат 25 пожарникари со четири возила, 40 припадници на армијата, петмина од Македонски шуми, а од воздух делуваат два хеликоптери. Тешката механизација прави тампон-зона, со земјени наноси за изолирање на огнот.

Селце е дом на повеќе од 100 жители, главно во поодминати години. Стравуваат и за имотот, но и за својот живот.

Загрижени се и од Македонски шуми. Велат штетата по дрвната маса на Серта е ненадоместлива и веќе се планираат акции за ревитализација на планината.

Според Михаилов, сегашните пожари на Серта ќе се чувствуваат уште долго во вид на промена на климата во поширокиот регион.

 

Славица Величковска