Војска

Расте интересот кај младите за доброволно служење во АРМ

04.07.2014 16:18

145 доброволни војници во АРМ денеска во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес дадоа свечена заклетва. Тие во наредните три месеци ќе ги усовршуваат војничките вештини. Вреднувањето на успехот и ангажирањето на секој војник ќе биде еден од елементите за понатамошна селекција за сите кои сакаат да бидат дел од професионалните војници во АРМ...

Мартин Јованов  е студент на Факултетот за безбедност, и во наредните три месеци како доброволен војник во АРМ ќе ги совладува војничките вештини.  Давајки ја свечената заклетва тој се заколна дека ќе биде чувар на суверенитетот на Република Македонија.

„Оваа униформа ја облекувам бидејќи сакам да и служам на татковината да го бранам интегритетот и сувереноста и да бидам од страната на граѓаните за нивмата слобода“, вели Јованов.

Рамо до рано со мажите, војничките вештини во велешкиот обучен центар ги усовршуваат и единаесет жени.

„Сите треба да бидеме рамноправни, не само машките да се издвојуваат од нас“, рече Ангела Сибиновска, доброволен војник.

Секоја нова генерација на доброволни војници е нова можност за пренесување на сопственото искуство на младите бранители, велат од АРМ.

„Нас припадниците на АРМ посебно не радува фактот што со нашиот ангажман, негувањето на патриотизмот и љубовта кон татковината, даваме голем придонес во создавањето на младите генерации“, изјави Љубчо Костовски, командант на Командата за обуки.

По законското трајно решавање на статустот на професионалните војници зголемен е интересот кај младите за доброволно служење во армијата.

„Професионализацијата на АРМ придонесува за создавање капацитетит способни да одговорат на предизвиците од 21 век“, рече Сашо Стефаноски, државен секретар во Министерството за одбрана.

Оваа, 23-та генерација, брои 145 доброволни војници во АРМ.

Дијана Иванова