Светот закрепнува по кибернетичкиот удар
Светот закрепнува по најмасовниот кибернетички удар што најмногу ги погоди банките, болниците, бизнисот и авиосообраќајот. Извршниот директор на софтвер-компанијата Крауд Страјк се извини за дводневниот застој порачувајќи дека предизвикот е надминат. Сепак за сумирање на последиците и за враќање на системите ќе треба време. Одредени проблеми се очекуваат и во текот на викендов...

Запре авиосообраќајот во Соединетите американски држави. и не само таму. Во светот, банките, медиумите, бизнисите, сè што користеше софтвер на фирмата „Краудстрајк“ лиценциран за потребите на „Мајкрософт“ претрпе несогледливи последици. Реакциите се бројни, од редици патници заглавени на аеродромите до запрена работа во болниците, најмногу во државните.
„Немам идеја кога ќе полетаме. Има четири или пет аеродроми на источниот брег и мислам дека имам шанси“, изјави Сенди Трим Отри-патник во САД.
„Ова беше долга ноќ. Дојдовме уште пред 11 часови. Влеговме во авионот. Не информираа дека нема да летаме. и моравме да излеземе од леталото“, изјави Нетан Гоинг-патник во САД.
Прекинот на сигналот предизвика запирање на операциите, на лекарските посети и на прегледите во повеќе државни болници во западниот дел на Њујорк. Се вклучија и протоколите за грижа на пациентите и покрај техничките проблеми.
„Добро е што имавме различни вежби во случај на вакви инциденти. Затоа кога се случи, бевме подготвени. Командниот центар за инциденти беше ставен во функција и нашите тимови почнаа повторно да работат“, изјави Дон Бојд-извршен директор на болницата Калеида во Њујорк.
Страдаа и здравствените сервиси во Велика Британија, Израел, Германија. Застој на аеродромите во Австралија, Индонезија. Глобалниот хаос укажа на ранливоста на меѓусебно поврзаните технологии во светот. Работата на банкоматите на големите американски банки беа во прекин. Според првиот човек на софтвер-компанијата, не станува збор за кибернетички напад.
„Не беше напад, туку некои од системите не можеа да се подигнат. Сите наши клиенти ќе ја повратат функционалноста на системите, и натаму ќе продолжиме да ги штитиме нашите клиенти од злите луѓе во компјутерскиот бизнис“, изјави Џорџ Курц – извршен директор на „Краудстрајк“.
Софтвер-инженерите, сепак, коментираат – паднала заштитата на компјутерските системи. Уфрлена е бубачка, која поради користење исти компјутерски услуги и производи имала можност да се прошири, што го покрена прашањето на монополот, недозволен во либералното пазарно стопанство. Земјите кои не користат „Мајкрософт“, како Кина и Русија, не се соочија со кибернетскиот прекин што траеше 36 часа.
Зоран Богатинов
